Збирка на дела од Љубомир Белогаски - Галерија “Љубомир Белогаски”
Галеријата е формирана во 1991 година, кога Љубомир Белогаски во знак на почит кон градот во кој живееше и твореше, остави вреден легат од сопствената збирка на Музејот на град Скопје. Збирката ја сочинуваат 165 дела, главно акварели, создадени во периодот од 1929 до 1990 година.
Љубомир Белогаски, академски сликар, графичар и педагог, е еден од претставниците на првата генерација современи македонски сликари и основоположници на македонската современа ликовна уметност.
Роден е на 15.04.1911 година во Делчево. Високото образование го формира во Белград од 1931 до 1938 на Академскиот отсек при Уметничката школа во класата на професорите Бета Вукановиќ, Љубомир Ивановиќ, Иван Радовиќ, Симеон Роксандиќ, а во 1947 година специјализира графички техники на Академијата за ликовна уметност во Љубљана кај професорот Божидар Јакац. Беше долгогодишен професор и педагог во неколку гимназии и во Школата за применета уметност во Скопје каде во 1947 година го формира графичкиот оддел. Од 1949 година преминува на работа на Техничкиот факултет - Архитектонски оддел во Скопје, каде ја организира и изведува наставата за ликовна уметност (цртање и акварел). По хабилитацијата со трудот “Бокељски мотиви” во 1958 година, редовно е избиран во повисоки универзитетски звања, се до 1981 година кога е пензиониран.
Од 1945 година е член на ДЛУМ и негов претседател во 1957 година. Белогаски остварува повеќе студиски патувања во Европа - Лондон, Париз, Рим, Фиренца, во 1937, 1950, 1952, 1962 година.
Неговиот творечки опус е одбележан со многубројни самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од неа. Добитник е на бројни награди и призанинја, меѓу кои и Октомврската награда на СРМ за животно дело во 1972, Орден на Републиката со сребрен венец во 1979, Наградата 13-ти ноември во 1992 и други.
Љубомир Белогаски почина на 15.02.1994 година во Скопје, но зад себе ги остави своите многубројни ликовни дела во духовната ризница на нашата култура. Во текот на својата долгогодишна богата и плодна творечка дејност, Белогаски ќе експериментира во повеќе техники, но акварелот ќе остане негова трајна определба. Регистарот на неговото сликарство е доста богат. Суштината на внатрешниот императив под кој го транспонира сликаниот предмет го формира во петтата деценија и го негува до крајот на животот. Сликарството на Белогаски претставува плод на своевидна инспирација и преокупација од природата, главни мотиви му се мртвата природа - цвеќиња, портретот и пејзажот. Што и да слика, мотивот е секогаш структуриран во чиста и цврста композиција, со јасна естетска и колористичка хармонија. Потезот е одлучен, пигменот богат и чист, композицијата урамнотежена , материјализацијата уверлива..
Неговото севкупно творештво ги интегрира типолошките и содржински белези на естетската програма на поетскиот реализам.
Мртвата природа - цвеќиња, транспонирани во различни варијанти се изведени со мошне слободна интерпретација и техничка вештина, со суптилно чувство и рафиниран, топол колорит. Портретите и фигурите во кои доминира само главата или допојасната фигура, се работени со студиозен пристап во третирањето на ликот, со сигурен цртеж и чувство за колористичка хармонија. Во доменот на пејзажот, првите импресии на Белогаски потекнуваат од македонскиот предел - од неговиот роден крај, циклусот “Од Брегалница” од 1937/38 година, но секако во севкупниот творечки опус, доминантно место зазема циклусто “Бокељски мотиви”, како заокружена целина и врвно достигнување. Циклусот е создаден во периодот од 1947 - 1957 година, инспириран е од живописните предели, стрмни и сурови планински масиви, негибнатата стара градска архитектура, предадени со аналитичка опсервација од различни агли и визури и технички педантна обработка до перфекција. Акварелните бои ги нанесува мозаички, такaшто се созава калеидоскоп од хармонични и ритмички распоредени боени површини на статичното и динамичното, на светлото и сенката.Сеопфатно, лексиката на сликарствотo на Љубомир Белогаски е повеќеслојна, се одликува со континуитет, доследност, сензибилитет и главно лирски интонирани дела кои со своето постоење имаат трајни вредности и ја збогатуваат нашата ликовна современост.