Одделение за архитектура, урбанизам и дизајн

Почнало да функционира од 1981 година, а официјално е формирано во 2008 година.

Поделено е на три периоди:

  • Античка архитектура и архитектонска камена пластика;
  • Доцноантичка архитектура до крај на 20ти век;
  • Современа архитектура, урбанизам и дизајн.

Античка архитектура и архитектонска камена пластика

Архитектонските и урбани форми од античкиот период во скопската котлина се предметите од објектите и камената пластика од римскиот град Скупи од профани и сакрални објекти. Евидентирани се и зачувани архитектонски елементи – бази, столбови, капители, архитравни греди. Овие експонати се значајни за процесот на реконструкција на архитектонските објекти на античкиот град Скупи. Најголемиот број од нив се изработени од мермер со што може да се потврди сликата за објектите на кои им припаѓале. Во постојаната поставка во Музеј на град Скопје е изложен коринтски капител од римскиот град Скупи.

Доцноантичка архитектура до почетокот на ХХ век

Од доцноантичкиот период, пред средновековието и османлискиот период, се до почетокот на ХХ век, со ширењето и трансформацијата на градот Скопје, се создало богато архитектонско наследство кое ја формирало архитектонската слика на градот. Во фокусот на вниманието секогаш бил стариод град или калето, урбаниот и културниот развиток на Јехудихана или Еврејското маало старата скопска чаршија и почетокот на модерната урбанизација на градот со проширување од левата страна на брегот на реката Вардар.

Музејската збирка содржи архивски копии од сите значајни урбанистички планови на Скопје, почнувајќи од 1914 година па се до 1963, како и архитектонски планови од некои индивидуални и јавни објекти како на пример стариот театар. Во состав на оваа збирка е и оригиналната макета од урбанистичкиот план на Скопје.

Современа архитектура, урбанизам и архитектонски дизајн

Одделението за современа архитектура, урбанизам и дизајн се занимава со пручување на архитектурата од почетокот на ХХ век до денес. Фундусот го сочинуваат документација од биеналето на Македонската архитектура БИМАС, манифестацијата Архитектите на Скопје АСК, макети од интернационалниот конкурс за обновата на Скопје во 1965 година т.е. десетина оригинални макети од реномирани архитектонско урбанистички студиа од светот. Најзначајниот експонат од оваа збирка е оригиналната макета иззработена од студиото на Јапонскиот архитект Кензо Танге.

Во оваа збирка спаѓа и делото на арх.Борис Чипан (1918-2012), важна фигура за македонската архитектура на 20 век кој бил талентиран дизајнер, предавач а се занимавал и со теорија и конзервација.